Oбука за користење на софтвер за мониторинг на енергетската ефикасност

 In Настани, Новости

ОПШТИНА БИТОЛА

Ден II на Неделата на енергетска ефикасност

Неделата на енергетска ефикасност во Општина Битола, продолжи со Обука за користење на софтвер за мониторинг на енергетската ефикасност.

Обуката се одржа во Културно информативниот центар – Кино Манаки, Широк Сокак, Битола во Вторник 31.08.2021 од 11:00 до 14:30 часот, согласно планираната агенда во поканата за настанот, без измени. Бројот на регистрирани учесници беше 21.

Обуката беше наменета за вработените во Општина Битола, во јавните установи под надлежност на Општина Битола (училишта, градинки, општински јавни претпријатија и сл.).

На почетокот на обуката воведни напомени даде Горан Неделков, дипл. маш. инж. од Општина Битола. Горан Неделков се осврна на важноста на овој софтвер и промените што треба да ги донесе во следењето на трошоците за енергија во објектите сопственост на Општина Битола. Исто така г-н Неделков напомена дека се очекува дека овој софтвер ќе биде усвоен од менаџментот на Општина Битола како задолжителен при поднесување извештаи на установите под надлежност на Општина Битола за трошоците за енергија во објектите кои се под нивна надлежност, а сопственост на Општина Битола.

Софтверот (веб платформа) за мониторинг и проценка на енергетска ефикасност на згради го презентира проф. д-р Игор Неделковски од ГАУС Институтот – Битола кој го изработи софтверот/ платформата. Во воведната презентација проф. Неделковски ја презентираше структурата на платформата, нејзината намена и целите.

Во втората сесија проф. Игор Неделковски го опиша чекор по чекор работењето со платформата за проценка на енергетска ефикасност на згради.

Третата сесија беше наменета за прашања и одговори, како и практично вежбање од присутните. Со свои прашања околу користењето на платформата се вклучија поголемиот дел од присутните на обуката. Проф. Неделковски одговараше на прашањата преку практични примери од работата на платформата. Заинтересираните присутни имаа можност и да ја тестираат платформата.

Општ беше заклучокот дека развиениот софтвер – веб платформа за мониторинг и проценка на енергетска ефикасност на згради е многу лесен за користење. Секој (без разлика на нивото и типот на образование) кој знае да користи компјутер и некој office софтвер за работа со табели (на пример Microsoft Excel) ќе може да го користи. Беше нагласена важноста за редовното внесување на податоци за трошоците за енергија од страна на установите под надлежност на Општина Битола. Исто така беше нагласена важноста за редовно испраќање податоци (текст, фотографии и сл.) до општината за реконструктивните зафати на објектите користени од тие установи, за потоа тие податоци се ажурираат во централната база од страна на вработените во општината.

Обуката заврши околу 14:30 часот. Потоа сите учесници на форумот продолжија со работен ручек во Ресторан Корзо, Битола каде продолжија дискусиите околу користењето софтверот/ платформата.

Настанот се организира согласно КОВИД-19 протоколот за организација на работни состаноци, обуки, курсеви и семинари. За учество беше потребен сертификат за вакцинација или прележан КОВИД-19, како и носење на заштитна маска во текот на сесиите.