Недела на енергетска ефикасност

 In Настани, Новости

Општина Битола во рамки на проектот Подобрување на енергетската ефикасност кај објекти: Демонстрација на јавни објекти – БЕНЕФИТ, финансиран од Европската Унија и фондовите на земјите учеснички, во рамки на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за погранична соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“, во деновите од 30.08 до 03.09.2021 организира Недела на енергетска ефикасност во Општина Битола.

Неделата на енергетска ефикасност ќе започне на 30.08 (Понеделник) со тркалезна маса – форум на тема: Трендови во енергетската ефикасност во Република Северна Македонија. Форумот е отворен за сите заинтересирани – експерти, граѓански активисти, граѓани итн.

На вториот ден од Неделата на енергетска ефикасност ќе се одржи обука за користење на софтвер за мониторинг на енергетската ефикасност во објектите сопственост на Општина Битола, кој ќе биде задолжителен во работата на установите под надлежност на Општина Битола. Оваа активност е наменета и задолжителна за вработените во установите под надлежност на Општина Битола, надлежни за менаџирање со зградите кои ги користат.

Третиот ден го нарековме Ден на идеи. На овој ден ќе се ќе се организира форум – ден на идеи на тема: Енергетска ефикасност и животната средина. Форумот е отворен за сите заинтересирани – експерти, граѓански активисти, граѓани итн. Учесниците на форумот ќе можат да предлагаат идеи за имплементација на мерки за енергетска ефикасност кои би довеле до почиста животна средина во Општина Битола.

Четвртиот ден е наменет за најмладите. Деца од основните училишта преку интерактивна работилница ќе учат и творат во Градскиот парк во Битола на тема: Што е тоа енергетска ефикасност?.

Неделата на енергетска ефикасност ќе се затвори на 03.09.2021 (Петок) со организирање на Отворен ден на проектот БЕНЕФИТ и презентација на реализираното во рамките на проектот БЕНЕФИТ пред јавните медиуми и други засегнати страни. При тоа планирана е посета и презентација на реконструкцијата на Спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Неделата на енергетска ефикасност ќе се организира на повеќе локации: Културно информативниот центар – Кино Манаки, Спортската сала „Боро Чурлевски“, Градскиот парк во Битола.

За секој ден од неделата на енергетска ефикасност ќе добиете посебна покана со детална агенда.

Ви благодариме на учеството и поддршката.

Неделата на енергетска ефикасност ќе се организира согласно важечките КОВИД-19 протоколи.

Неделата на енергетска ефикасност ја организира Општина Битола во рамки на проектот БЕНФИТ, а ја реализира ГАУС Институтот од Битола.