Отворен ден на проектот БЕНЕФИТ

 In Настани, Новости

 ОПШТИНА БИТОЛА

Ден V на Неделата на енергетска ефикасност

Последниот ден од Неделата на енергетска ефикасност во Општина Битола, заврши со Отворен ден на проектот БЕНЕФИТ. Во рамките на овој ден пред новинарите и другите заинтересирани се промовираа реновирањето на Спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола и други резултати добиени со проектот БЕНЕФИТ, кои се од интерес на општата јавност.

Отворениот ден започна во Спортската сала „Боро Чурлевски“ – Битола  во Петок 03.09.2021 со почеток во 11 часот, согласно предвидената агенда, со една мала измена – заради итни обврски во Скопје, градоначалничката на Битола не беше можност да ги поздрави присутните. Бројот на регистрирани учесници беше 37.

Настанот започна со обраќање на менаџерот на проектот БЕНЕФИТ, Наташа Лукиќ, која ги објасни целите на проектот и досега постигнатото.

Потоа во рамките на студиската посета од фирмите МЗТ Инженеринг, изведувач на работите на енергетското реновирање на спортската сала во Битола, и фирмите 3Д Визија Инженеринг и Скипи од Битола надзорни органи за изведувањето на работите на енергетското реновирање ги објаснија реализираните инфраструктурни зафати врз спортската сала и нивното влијание врз енергетската ефикасност на салата. При тоа претставникот на 3Д Визија Инженеринг, м-р Весна Неделковска објасни дека со реализираните зафати енергетската класа на спортската сала ќе се подобри од класа Ф во класа Ц, согласно Законот за енергетска ефикасност. Исто така дека наскоро Спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе добие енергетски пасош – потврда дека зградата спаѓа во енергетска класа Ц со што конечно ги исполнува законските обврски за јавни објекти, според кои сите јавни објекти треба да припаѓаат најмалку на класа Ц. За жал многу малку јавни објекти ја исполнуваат оваа законска одредба.

По завршувањето на студиската посета, присутните се префрлија во ресторанот „Крозо“ на Широк Сокак во Битола, каде продолжи отворениот ден.

Најпрво пред заинтересираните и новинарите проф. д-р Игор Неделковски од ГАУС Институтот – Битола го претстави софтверот – компјутерска веб игра за промена на однесувањето кон енергијата и енергетската ефикасност. Проф. Неделковски објасни дека играта е изработена во соработка со Универзитетот на Западна Македонија од Кожани, Грција и е синхронизирана за двете земји. За двете земји се поставени два јавни објекти како студии на случај (за Република Северна Македонија се поставни Спортската сала „Боро Чурлевски“ и Основното Училиште „Коле Канински“ во Битола). Менаџерите на јавни и приватни објекти и сите граѓани преку игра – симулација ќе можат да „учат“ како инвестициите во енергетско реновирање би влијаеле на енергетската потрошувачка на објектот, за колку време би се исплатиле и сл. Но уште побитно е што преку симулацијата ќе можат де се уверат како однесувањето кон енергетската потрошувачка влијае на енергетската класа на објектот, трошоците за енергија и исплатливоста на инвестициите. Суштината на оваа апликација – online компјутерска игра – корисниците да се запознаат не само со влијанието на мерките за енергетска ефикасност врз трошоците за енергија и загадувањето на околината, туку уште поважно како промената на однесувањето кон потрошувачката на енергија, т.е. штедењето на енергија придонесува кон енергетската ефикасност и заштитата на животната средина.

По излагањето на проф. Неделковски, Горан Неделков од Општина Битола презентираше серија размислувања што е тоа промена на однесувањето во сферата не енергетската ефикасност и зошто е тоа важно за Општина Битола.

Неделата на енергетска ефикасност се затвори со исцрпна и детална презентација на м-р Емилија Сарафска од Општина Битола. Г-ѓа Сарафска даде преглед и информации за сите проекти од сферата на енергетската ефикасност и заштита на животната средина реализирани во последните четири години од страна на Општина Битола. При тоа ги презентираше и инвестициите на Општината во тие проекти и бенефитите кои се добија со реализацијата на тие проекти – финансиски, социолошки и еколошки.

Неделата на енергетска ефикасност заврши околу 15 часот, а потоа сите учесници продолжија со работен ручек во Ресторан Корзо, Битола каде во неформална атмосфера ги сумираа настаните реализирани во рамките на Неделата не енергетска ефикасност во Битола. Општ беше впечатокот дека Неделата на енергетска ефикасност беше успешно реализирана и ги исполни зацртаните цели.

Настанот се организира согласно КОВИД-19 протоколот за организација на работни состаноци, обуки, курсеви и семинари. За учество беше потребен сертификат за вакцинација или прележан КОВИД-19, како и носење на заштитна маска во текот на сесиите.