Форум / Тркалезна маса на тема: Трендови во енергетска ефикасност
ОПШТИНА БИТОЛА
Ден I на Неделата на енергетска ефикасност
Неделата на енергетска ефикасност во Општина Битола, започна со тркалезна маса – форум на тема: Трендови во енергетска ефикасност во Република Северна Македонија.
Форумот се одржа во Културно информативниот центар – Кино Манаки, Широк Сокак, Битола во Понеделник 30.08.2021 од 10:30 до 14:30 часот, согласно планираната агенда во поканата за настанот, без измени. Бројот на регистрирани учесници беше 29.
Воведната сесија на форумот се однесуваше на Актуелни трендови во енергетската ефикасност. Модератор беше д-р Сузана Трајковска- Кочанковска од ГАУС Институтот – Битола. Започна со најава на настанот од страна на модераторот, која даде и краток осврт на значењето на проектот БЕНЕФИТ.
Потоа поздравно обраќање имаше градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, која ги поздрави учесниците и го истакна значењето што му го дава Општина Битола на енергетската ефикасност и ги потенцираше напорите што општината ги прави за подобрување на енергетската ефикасност на своите објекти. Следеа и изјави на градоначалничката и претседателот на Управниот одбор на ГАУС Институтот, проф. д-р Игор Неделковски за медиумите.
По воведното излагање на градоначалничката, презентација имаше проф. д-р Игор Андреевски, дипл.маш.инж., од Технички факултет – Битола, на тема Актуелни трендови на имплементацијата на мерки за енергетската ефикасност. Проф. Андреевски даде стручен осврт на тоа кои се актуелни мерки за енергетска ефикасност кај нас, со компарација со мерките кои се актуелни во Европската Унија. Ја објасни имплементацијата на сите актуелни мерки и даде анализа на добрите страни и слабостите на секоја од актуелните мерки. Исто така презентира и повеќе добри практики од Европа и кај нас, на успешна имплементација на мерки за енергетска ефикасност.
По презентацијата на проф. Андреевски инспиративна презентација за имплементација на мерки на енергетска ефикасност од аспект на финансирање на истите дадоа два претставници на Шпаркасе банка – Скопје, Горан Петровски и Владимир Кечовски, кои ги презентираа можностите за финансирање на проекти за енергетска ефикасност. Презентерите дадоа преглед на кредитните линии што ги нуди Шперкасе банка – Скопје се детален опис на условите на финансирање. Исто така и тие презентираа неколку добри практики на проекти за енергетска ефикасност финансирани од Шпаркасе Банка.
По овие две презентации се разви дискусија на тркалезна маса во која учество зедоа повеќе дискутанти. Покрај воведничарите и модераторот во дискусијата се вклучија повеќе присутни (на пример проф. д-р Методија Атанасовски од Техничкиот факултет во Битола, м-р Ристо Ристевски, експерт за енергетика од Техничкиот факултет во Битола, во пензија, Љубо Атанасовски, директор на Јавното претпријатие за урбанизам, проектирање и инженеринг – Битола и други). Посебно интересни прашања имаше до воведничарите од Шпаркасе банка околу кредитните услови за имплементација на мерки на енергетска ефикасност.
Оваа сесија заврши околу 12: 30 часот и потоа следуваше пауза.
Втората сесија беше на тема Активности во поглед на енергетската ефикасност во Битола. И оваа сесија ја започна и ја водеше модераторот д-р Сузана Трајковска- Кочанковска, од ГАУС Институт – Битола.
Воведничари беа м-р Весна Неделковска, дипл.маш.инж, од ГАУС Институт – Битола, која се осврна на состојбата со плановите и мерките за енергетска ефикасност во Битола и Пелагонискиот регион. Оваа анализа е резултат на студија што ја работеше ГАУС Институтот на оваа тема. Весна Неделковска даде критички осврт на плановите и мерките за енергетска ефикасност во сите девет општини во Пелагонискиот регион, со посебен акцент на Општина Битола.
По излагањето на Весна Неделковски, Горан Неделков, дипл.маш.инж. од Општина Битола ги објасни активности на Општина Битола во поглед на енергетската ефикасност во јавните објекти сопственост на Општина Битола.
По овие две воведни презентации повторно се разви дискусии на тркалезна маса од учесниците на форумот.
Форумот заврши околу 14:30. Потоа сите учесници продолжија со работен ручек во Ресторан Корзо, Битола каде во неформална атмосфера продолжија дискусиите на тема енергетска ефикасност.
Настанот се организира согласно КОВИД-19 протоколот за организација на работни состаноци, обуки, курсеви и семинари. За учество беше потребен сертификат за вакцинација или прележан КОВИД-19, како и носење на заштитна маска во текот на сесиите.


