Ден на идеи на тема: Енергетската ефикасност и животната околина

 In Настани, Новости

 ОПШТИНА БИТОЛА

Ден III на Неделата на енергетска ефикасност

Третиот ден од Неделата на енергетска ефикасност во Општина Битола, беше наречен ден на идеи. Во рамките на овој ден претставници на јавни институции, невладини организации и бизнис заедницата споделуваа идеи на тема Енергетската ефикасност и животната околина.

Денот на идеи се одржа во Културно информативниот центар – Кино Манаки, Широк Сокак, Битола во Среда 01.09.2021 од 11:00 до 14:30 часот, согласно планираната агенда во поканата за настанот, без измени. Бројот на регистрирани учесници беше 21.

Модератор беше д-р Сузана Трајковска- Кочанковска од ГАУС Институтот – Битола, која го најави и го презентираше концептот  настанот.

Како вовед во настанот, се одржаа две воведни презентации. Проф. д-р Бети Анѓелевска од Техничкиот факултет – Битола презентираше на тема Енергетската ефикасност и животната средина, посебно загадувањето на воздухот од сообраќајот. Во својата презентација проф. Анѓелевска даде детална слика за постојната состојба и подобрувањата што можат да се добијат со подобрување на сообраќајните решенија и подобрување на енергетската ефикасност во сообраќајот.

Наредната презентација беше од Љубо Атанасовски, директор на ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг – Битола, и М-р Весна Неделковска, 3Д Визија инженеринг – Битола, и се однесуваше на спроведеното Мапирање на објектите сопственост на Општина Битола. Најнапред г-н Атанасовски го истакна значењето на спроведеното мапирање кое за прв пат е направено откако функционира Општина Битола во сегашниот опфат. Посебно ги нагласи придобивките што ќе ги има Општина Битола од ова мапирање, посебно при планирање на реновирањата на објектите од аспект на подобрување на нивната енергетска ефикасност. Потоа м-р Весна Неделковска даде детален опис на спроведената методологија на мапирањето. Ги објасни параметрите по кои беа класифицирани објектите кои се сопственост на Општина Битола, како и добиените резултати и рангирањето на објектите според повеќе критериуми. Презентацијата на г-а Неделковска заврши со објаснување на мапирањето на објектите сопственост на Општина Битола од аспект на нивното влијание врз животната средина.

По кратката пауза се продолжи со интерактивна сесија – споделување на идеи за подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот во Битола преку имплементација на мерки за енергетска ефикасност во различни сфери – транспорт, индустрија, згради итн. Сите учесници најнапред добија листови со хартија на кои ги запишаа своите идеи и потоа ги презентираа пред присутните. Учество во дебатата и размената на идеи зедоа повеќе од 10 присутни учесници меѓу кои и Претседателот на Советот на Општина Битола Валентин Груевски, потпретседателот на Македонското научно друштво – Битола, проф. д-р Сашо Кочанковски и други еминентни експерти и граѓански активисти. Сите споделени идеи се нотирани и сублимирани во прилог на овој извештај.

И Денот на идеи заврши околу 14:30. Потоа сите учесници продолжија со работен ручек во Ресторан Корзо, Битола каде во неформална атмосфера продолжи размената на идеи за подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот во Битола.

Настанот се организира согласно КОВИД-19 протоколот за организација на работни состаноци, обуки, курсеви и семинари. За учество беше потребен сертификат за вакцинација или прележан КОВИД-19, како и носење на заштитна маска во текот на сесиите.